PREMIER LEAGUE - LIVERPOOL - MAN UTD, 22/03/2015

25/03/2015 - by Игор Јадровски

Anything is possible for those who believe

Желбата за одење на Енфилд е исконска и се раѓа во секој навивач на Ливерпул веројатно после првиот изгледан натпревар на Црвените на телевизија. Кога во 2011 година формално го формиравме македонскиот фан клуб на Ливерпул и подоцна во 2013 година кога од самиот клуб добивме акредитација и статус на официјален навивачки огранок на Ливерпул, многу малку од нас веруваа дека ќе можеме да го оствариме ултимативниот сон и да отидеме на најубавото место на светот, што заради финансиски причини, што заради административни заебанции како виза и слично. Пред почетокот на сезонава од Секторот за навивачки ограноци на клубот бевме информирани дека пред почетокот на секоја полусезона можеме да аплицираме за карти за натпреварите на Ливерпул. После подолго договарање и муабетење со поголем дел од членовите на фан клубот решивме да аплицираме за карти иако не бевме преголеми оптимисти дека ќе ги добиеме, а уште помалку верувавме дека ќе составиме кворум за одење. И сега се наметна прашањето – за кој натпревар да аплицираме? Одговорот беше едноставен и едногласен, сите сакавме да го гледаме најголемото англиско (за мене и светско) фудбалско дерби – Ливерпул против Јунајтед на Енфилд! Сепак се одлучивме да одиме на сигурно (повторно водени од скептицизмот дека нема да добиеме карти) и да аплицираме и за уште еден натпревар – КПР на Енфилд. После неколку недели добивме одговор дека ни се одобрени 8 карти за натпреварот против Јунајтед и 8 карти за натпреварот против КПР. Не ми се веруваше! ЧОВЕЧЕ ИМАМЕ КАРТИ ЗА ЕНФИЛД, ИМАМЕ КАРТИ ЗА ЛИВЕРПУЛ – ЈУНАЈТЕД НА ЕНФИЛД! После неколку денови неверување и шок, почнавме да ја собираме екипата која ќе оди на Енфилд и да ги стартуваме досадните административни постапки за вадење потребна документација за виза. 8 луѓе (од кои еден на крајот за жал откажа) беа собрани за рекордно брзо време, а неочекувано брзо добивме и виза. Целата ситуација се одвиваше толку бргу и се до качувањето во авион не бевме свесни дека одиме во Мерсисајд. На 2-3 недели пред тргање добивме информација дека нашите карти се на петтиот ред на Коп. Ок, ова беше премногу нереално!

18. март 2015– Јас и Мартин први тргнавме од целата екипа која одеше на дербито. Сакавме неколку дена пред натпреварот да ја почувствуваме енергијата на градот и заедно со уште еден куп Скаузери да бидеме во очекување на натпреварот на сезоната. Вечерта околу 20:45 по локално време пристигнавме во Лондон од каде што фативме автобус и се упативме накај Ливерпул. Веројатно за прв пат се свестив каде сум и што ме очекува кога на влезот на Ливерпул пред мене се појави зградата на Ливерпул Ехо, медиумот од кого и од чии новинари многу често ги дознаваме најновите вести за Ливерпул. Автобусот не остави на Liverpool One Station и од таму се упативме накај хостелот. Но имаше еден проблем – на патот кон хостелот мораше да се помине покрај Енфилд! Секако дека нема да одиме прво во хостел, туку со куферите во 5 сабајле се симнавме пред Paisley Gateway.Луѓе мои! Така не ми се треселе коленициве и не ми тропало срцево ни кога прв пат бакнав девојче позади школо, ни кога го полагав приемниот испит на факултет, ни кога Дудек му го фати пеналот на Шева! Не се опишува експлозијата од емоции која те обзема кога ќе ја видиш таа грандиозна градба пред тебе .

19 март 2015 – После сместувањето во хостелот кај исклучително пријатната и гостопримлива госпоѓа Елизабет, тргнавме во обиколка на градот. Секако турата мораше да започне од Енфилд. Заглавување неколку саати во фан шопот во кој и да имаш 10.000 фунти можеш лабаво и без осетно да ги потрошиш, пазарање по некој реквизит, сликање околу Енфилд и впуштање во обиколка на градот. За почеток ги видовме главните туристички локации како што се Albert Docks, Lime Street, Matthew Street , по што следеше излегување во ноќни клубови и запознавање еден куп луѓе. За луѓето кои живеат на северот од Англија воопшто, можам да кажам дека се најголемите цареви во универзумот! Топли, приемчиви, искрени, позитивни, ведри луѓе на кои мораш да им го опростиш никаквиот акцент, кој те тера да се замислиш зошто воопшто си учел англиски јазик. Што се однесува до фудбалското знаење и разбирање на играта на еден просечен навивач, истото не се мери и е на драстично повисоко ниво од разбирањето на играта на овие простори. Очекувано и логично да е така, кога имаш можност секоја недела во живо да гледаш величини и легенди како оние кои настапуваат и настапувале во црвениот дрес.

20 март 2015 – Секако дека денот мора да започне од Енфилд! Повторно назад во фан шопот за допазарување на навивачки артикли и нормално неизбежната тура на стадионот и музејот со најпозитивните туристички водички кои можете да ги најдете.

Турата започнува под Коп трибината, каде можете да ја видите познатата Коп ‘временска машина‘. Цементирана дупка во подтрибинскиот простор во која се закопани играчки и навивачки реквизити од последниот домашен меч на Ливерпул во сезоната 93-94, одигран на 30 април 94 година против Норвич.Меч кој воедно и е последен меч на легендарнa та стоечка Spion Kop трибина. После тој натпревар најпознатата трибина на Енфилд се претвора во седечка трибина

Следува подтрибинскиот простор под главната Main Stand трибина. На патот кон соблекувалните го гледаме најпознатиот столб на Енфилд, кој датира уште од времето на градењето на Енфилд, истиот не е реновиран ниту пак срушен за време на реновирањето на стадионот. На него стои плакета од најпознатиот британски архитект на стадиони и човек кој го проектирал Енфилд, Арчибалд Лич.

Влегуваме во домашната и гостинската соблекувална, убедливо најсликаните места на турите во Енфилд. Следи салата за прес конференции, местото во кое Роџерс ги врши своите пресови.

Да биде чувството поинтензивно, на местото на сегашната конференциска сала, некогаш се наоѓала легендарната boot room, во која Фаган, Пејсли, Еванс и компанија се криеле од Шенкли и уз некоја чашка квалитетен алкохол ги договарале стратегиите на тимот.

Секој член на стручниот штаб на Ливерпул кој работел во тоа време во клубот ќе ви каже дека boot room била најважната просторија на Енфилд. Дури Пејсли во еден наврат ќе каже дека секогаш кога стручниот штаб немало да се состане во boot room пред натпреварите, Ливерпул немало да ги добие тие натпревари. Оваа соба е срушена во 1993 година и на нејзино место и на местото на собата до неа (пералната за дресови) е изградена сегашната сала за прес. Од тогаш Ливерпул нема освоено лигашка титула. Таман кога ќе помислите дека не може да биде подобро, налетувате на домашната соблекувална и ги гледате сите дресови на играчите на Ливерпул.

Кулминацијата се достигнува кога се симнувате по скалите и го допирате This is Anfield знакот и влегувате на теренот.

Тука срањето станува реално! Го гледате теренот и внатрешноста на стадионот кои сте ги виделе само на телевизија!

Пола часовно уживање, во кое успеавме и да си ги најдеме местата од кои за 2 дена ќе го проследиме натпреварот. Турата завршува со посета на музејот во кој меѓу многуте работи би ја издовил просторијата со 5 прекрасни убавици од освоените натпреварувања во Лигата на Шампионите.

Ако сакате да видите ваква глетка на друго место ќе мора да одите во Мадрид, Милано или Минхен, бидејќи само клубовите кои 5 пати биле Европски прваци имаат правото да го задржат трофејот. Денот завршува со лудување до раните утрински часови со 3 прекрасни, позитивни и забавни девојки кои ни ги покажаа најлудите места за забава во градот. Но нема да ве давам со такви небитни детали ;)

21. март 2015 – После излечениот мамурлук решивме да направиме тура на околните музеи и да се запознаеме со остатокот од екипата кои пристигнаа на ден пред натпреварот. Го запознавме Бојан со кого прошетавме по градот, а вечерта се споивме со остатокот од екипата, отидовме на по некое пиво и порано легнавме затоа што бевме свесни што не чека утредента.

22. март 2015 – Денот кој цел живот ќе го памтам! MATCHDAY! Градот вриеше уште од рано утро. Се упативме накај Albert Pub веднаш до Енфилд каде што имаше еден куп навивачи на Ливерпул, со кои утепваме по некое пиво и влеговме на стадионот. Целата македонска екипа е собрана на едно место. Удривме по некоја слика на брзина и ги сокривме фото апаратите бидејќи знаеме колку е иритантно и неприфатливо да штракаш со апарати на најдобрата навивачка трибина на светот. Пред нас почнаа да се монтираат и веат банерите кои се секој меч на Коп, банерите и знамињата на кои сме се воодушевувале додека сме ги гледале натпреварите на телевизија

Играчите излегоа на загревање и почна делириумот, скандирања, викања и пеења. Одеднаш молк и од звучниците на Енфилд почнува да грми You’ll never walk alone ! Се ежам додека го пишувам текстот и додека се присеќам какви морници ме лазеа во тие 2-3 минути. После првата строфа, звучниците се гасат, а химната продолжува да грми од грлата на повеќе од 40.000 навивачи. Луѓе, не постојат зборови за да се опише тој неколку минутен транс во кој се наоѓате! Таа мешавина на исполнетост, мотивираност, возбуда, но воедно и смиреност на душата, ежење и солзи кои не можете да ги контролирате. Момент за кој вреди да се живее! Почнува натпреварот, Коп-от нешто потивок од вообичаеното. Лошо прво полувреме и гол на Мата. Имаме уште 45 минути да ја поправиме работата, а во игра влегува г-дин Ливерпул лично, Капитенот и душата на клубот! Самодовербата кај сите е на повисоко ниво, бидејќи ако постои играч за големи натпревари, неговото име е Стивен Џорџ Џерард и тој е сега на теренот за да го изигра своето последно дерби и да му донесе значајна победа на својот тим. 38 секунди подоцна се случува најневеројатниот и најнеочекуваниот потег, од човекот кој најмалку смее да го направи. Намерно нагазување на Андер Ерера и црвен картон за Стиви. Шок, неверување и молк на Енфилд. Неколку минути подоцна евро гол на Мата за удвојување на водството. Грч во стомакот и скаменетост во нозете. Стариџ за момент ја враќа неизвесноста, а Мињоле со одбранет пенал спасува уште поубедлив пораз. Крај на натпреварот, Ливерпул го губи натпреварот на сезоната, а ние полека се упатуваме накај хостелот. Мала црна дамка во целото совршено патување, можам само да замислам како ќе беше низ улиците на Мерсисајд доколку успеевме да го победиме најлутиот ривал. Следеше уште едно видување со нашите пријателки, неколку часовно спиење и упатување накај Лондон, од каде што летавме назад за Скопје.

Неколку дена подоцна, откако ги собрав сите впечатоци и се свестив каде сум бил и што сум искусил, можам слободно да кажам дека сум сигурен во две работи – Прво, ги имав најубавите 5 денови од мојот живот и дека животниот сон кој датираше од 1996 година, после речиси 20 години е конечно остварен. Второ, во многу блиска иднина членови на Macedonian Reds повторно ќе го остават срцето, гласот и душата на Коп, бидејќи посетите на градот Ливерпул и натпревар на Енфилд Роуд, се исто како и тетоважите – никогаш не завршува со еднаш! Последна порака, работете на своите соништа и тие ќе се остварат, бидејќи anything is possible for those who believe!