CHAMPIONS LEAGUE FINAL - SPURS - LIVERPOOL, 01/06/2019

01/06/2019 - by Андреј Попоски

Најпрво, сакам да им ја честитам освоената ШЕСТА ЕВРОПСКА ТИТУЛА на сите Скаузери ширум светот, let's talk about six baby!

Јас сум Андреј Попоски, роден во Прилеп, живеам во Скопје веќе 10 години и страствен навивач на Ливерпул скоро 16 години. Имав среќа и можност да го доживеам најлудото и најдоброто патување во мојот живот заедно со уште четири прекрасни личности (big shout out to Димитар Нацевски, Филип Силјановски, Дарко Ѓорѓиевиќ и Стефан Стојановски) со коишто заедно го проследивме најбитниот меч во последниве 15 години за Ливерпул, Финалето на Лигата на Шампионите во Мадрид, искуство кое никогаш нема да го заборавам.

 

Зошто Liverpool FC и како започна да навиваш за клубот ?

Страст, љубов, емоција, заедништво, верност, традиција. Не постојат доволно зборови со кои би можел да објаснам зошто Ливерпул, најверојатно не се ни измислени сеуште тие зборови кои го опишуваат тоа чуство, а не верувам ни дека било кој што не е навивач на Ливерпул би сфатил, едноставно мора да се доживее.

За да почнам да навивам за Ливерпул е најзаслужен татко ми кој исто така е навивач на Ливерпул. Заедно со него почнав да ги следам натпреварите на Ливерпул, а првиот натпревар кој памтам дека сум го проследил е финалето во Лига Купот во сезоната 2002/2003 каде што го победивме Манчестер Јунајтед со 2:0 со головите на Џерард и Овен.

Омилен играч , омилена генерација и омилен тренер ?

Иако низ годините, како и од оваа генерација имало голем број на играчи кои сум ги сакал и почитувал, веројатно како и кај мнозинството навивачи на Ливерпул, омилен играч на сите времиња ми е Стивен Џерард. Омилена генерација и омилен тренер не би можел да издвојам затоа што секоја генерација носи посебни спомени и емоции со себе.

Почнав да навивам со Жерар Улие и генерацијата која освои тројна круна, Рафа Бенитез и генерацијата од 2004/2005 до 2008/2009 е една од најдобрите што сум ја гледал, но доколку оваа генерација освои Премиер Лига многу веројатно ќе стане омилена заедно со германскиот господин Јирген Норберт Клоп. Нормално, мора да се споменат и тие дамнешни убави времиња на Шенкли, Пејсли, Кралот Кени и така натаму.

MADRID FINAL ?

Патувањето како што кажав на почетокот е најлудото, најдоброто и најнезаборавното патување во мојот живот. Перипетија и патешествија од самиот старт до самиот финиш, но вредеше и се исплатеше секој поминат момент. Доколку би навлегувале во детали, веројатно ќе треба да напишеме роман, а не интервју хахахахах, но од се срце би им препорачал на сите што имаат можност да направат вакво патување барем еднаш во нивниот живот.

Добра екипа, Ливерпул и многу пиво е рецепт за совршен успех. Атмосферата во Мадрид беше неверојатна уште дента пред натпреварот. Скаузерска позитивна енергија насекаде, песни, пиво и море од околу 50.000 црвени навивачи. На денот на натпреварот се дружевме, пеевме, пиевме пиво, гореа бакљи заедно со Џејми Вебстер, Џон Барнс и црвената армија од Ливерпул. Неописливо чувство.

Натпреварот го проследивме во паб бидејќи беше невозможно да се стигне до карти, но и по пабовите атмосферата беше неверојатна, се пееа песни сите 90 минути. Самиот натпревар, иако многу ќе кажат дека бил здодевен и неинтересен, за мене беше тактички перфектен и најзрел натпревар што овој Ливерпул го изиграл. По завршувањето на натпреварот сите се упативме кон делот од градот каде што сите навивачи на Ливерпул ја славевме титулата до раните утрински часови. Едноставно незаборавна авантура која заврши со среќен крај.