PREMIER LEAGUE - LIVERPOOL - WOLVES

28/12/2019 - by Симон Бешлиев

Симон Бешлиев, 25 години од Скопје

 

Зошто Liverpool FC и како започна да навиваш за клубот ?

Све почна во 2001 година, на моја 7 годишна возраст кога всушност го следев мојот прв фудбалски натпревар на Ливерпул. Се играше ФА куп финалето помеѓу Ливерпул и Арсенал, кое го добивме со помош на двата погодока на Мајкл Овен, а главниот кривец за ова беше мојот татко, кој е голем навивач на Ливерпул и благодарение на него започна целата приказна поврзана со Ливерпул. Би рекол дека страста и љубовта за Ливерпул ја имам наследено од него, едноставно тоа е начин на воспитување.

Омилен играч , омилена генерација и омилен тренер ?

Доколку ја тргнеме на страна иконата на Ливерпул, и идолот на нашата генерација, еден од главните кривци поради кои сме го засакале Ливерпул, Стивен Џерард , би рекол Даниел Агер, пред се поради неговата лојалност и приврзаност кон клубот, бидејќи во светот на фудбалот и парите моментално, ретко може да се најде таков калибар на играч кој останува лојален на клубот до последен ден.

За омилена генерација би ја издвоил сегашната, на чело со Трент Александар Арнолд и Вирџил Ван Дајк.Омилен тренер дефинитивно Јирген Клоп, човекот кој ја врати надежта кај нас навивачите, и кој го врати клубот онаму каде што му е местото. Нормално огромна почит имам и кон Бил Шенкли и Боб Пејсли, но се одлучив за Клоп, поради тоа што ја имаме ексклузивната можност да уживаме во неговата работа последниве години.

 

Liverpool - Wolves ?

За ова имам да напишам цела книга мислам дека, но и тоа ќе биде премалку, доколку не отидете и не го доживеете тоа лично. Стигнавме на 3 дена пред натпреварот и нормално уште првиот ден го посетивме Енфилд . Уште во моментот кога се движев накај Енфилд ме обземаше некое неверојатно чувство на возбуда и емоции. Моментот кога пристигнав пред КОП беше најемотивното нешто што го имам доживеано, мислам дека во тој момент бев најсреќниот човек на планетата. Откако ја поминавме турата на Енфилд и го посетивме фан шопот продолживме кон муралот на Трент Александер Арнолд, а потоа кон центарот на градот. Градот едноставно живее за фудбалот и за Ливерпул, а како пример би ја издвоил првата вечер, кога во тек на вечерта во еден од пабовите во центарот на градот, од соседната маса започна песна (Si Senor) на која ние се придруживме за понатаму да стане целиот паб и да пее добри 1-2 часа.

На денот на натпреварот, бидејќи бев сместен во близина на Енфилд, улиците беа преполни со навивачи со црвени шалови и дресови и 4-5 часа пред натпреварот. Го посетивме Алберт паб пред натпреварот, од каде се упативме кон трибините. Дојде моментот пред почетокот на натпреварот, започнува YNWA, нешто што неможе да се опише со зборови... емоции до максимум, а тебе ти се чини дека си најгласен од сите. Момент кој ќе го памтам до крајот на мојот живот, и всушност исполнување на мојот сон, да ја пеам YNWA рамо до рамо со ушто 50 000 навивачи на Енфилд во еден глас.

Натпреварот беше прв натпревар на домашен терен по освојувањето на светската клупска титула, навистина тежок натпревар против тврд противник, со две ВАР ситуации, за среќа во наша корист, и на крај што е најбитно со позитивен биланс и нови 3 бода на нашето конто. По завршувањето на натпреварот се продолжи со песна по пабови и по улиците да се слави победата.

 

Liverpool - Sheffiel Utd,немаше влезница, но како е атмосферата надвор од стадион за време на натпревар ?

За овој натпревар, не обезбедив влезници, но сакав да го искусам искуството да гледам натпревар од еден од пабовите кои се наоѓаат во близина на Енфилд. Натпреварот го гледав од Парк паб, кој се наоѓа веднаш позади КОП. Како и за претходниот натпревар неколку часа пред натпреварот, улиците и пабовите беа преполни. Во пабот имаше навивачи ми се чини од целиот свет, запознав луѓе од Финска, Кина, Ирска, Америка, Јордан, Полска, Норвешка, сите со една мисла-ЛИВЕРПУЛ.

Натпреварот започна, а ние се претворивме во едно огромно семејство заедно пеевме, се радувавме, навивавме во тек на целиот натпревар, уште едно одлично искуство, каде што воочив како може луѓе од целиот свет, со различна националност и религија да ги спои една единствена работа. По натпреварот дел од фановите од стадионот, дојдоа во пабот, каде се продолжи со песна и до 2 часа по завршување на натпреварот, а истото беше случај и на околните улици од каде сите си заминавме. Како што кажав и претходно може да напишам книга, но залудно ќе биде доколку не отидете и не го искусите лично ова искуство. YNWA