6 Регионален собир - Загреб 2016

23/10/2016

Шестиот регионален собир се одржа на 23/10/2016 година во Хрватска , во Загреб.

22 часа и 33 минути возење во два правци и вкупно помнати 1857 километри за да се присуствува на Регионалниот собир на навивачи на Ливерпул во Загреб, шести по ред од ваков карактер. Секој извозен километар и секоја помината минута апсолутно вредеа за да се доживее ова незаборавно искуство.

Повеќе пати имам спомнато дека присуствувањето на регионалните собири на навивачите на Ливерпул на Балканот е уникатно доживување кое не може да се опише и долови со зборови, туку мора да се доживее. Секој собир со себе си носи позитивна трема и возбуда. Исчекување да ги видиш добропознатите фаци на навиачите од Балканот, со кои со текот на времето си станал пријател и едвај чекаш да испиеш по некое пиво и да си направите срдечен муабет. Токму таков микс на емоции се чувствуваше во воздхот во петокот вечерта кога јас, Фичо, Ека и Елена тргнавме од Скопје за Загреб. Не чека 11 часовен пат и речиси 1000 километри пат со еден пит стоп во Крагујевац, каде ќе ја собереме Јована, уште една навивачка на Ливерпул која ќе дојде со нас на собирот. Пасошите спремни, банерите спакувани, Фичо секогаш спремен за вожња на долги дестинации – ги бутаме ранците во гепек и тргаме накај Хрватска.

Во Загреб стигнавме во 10:00 часот сабајле во сабота. Веднаш се упаќаме накај фудбалските терени на саемот каде што треба да го одиграме традиционалниот фудбалски натпревар помеѓу навивачите на Ливерпул од целиот Балкан. Ќе излажам ако кажам дека лесно ги најдовме терените и дека не бев најнервозниот човек на светот додека го баравме игралиштето, плашејќи се дека ќе задоцниме на натпреварот, но сето тоа исчезна кога на скалите на една од саемските хали го видов Шериф од Словенија и знаев дека сме на правото место. Паркиравме и се упатвме кон салата. Следеше срдечно и братско поздавување со сите присутни. Екипата полека се комплетираше, стигнаа Бура од Црна Гора, Милош, Милан и Деда (Лазар) од Србија, а веќе беа присутни домаќинот и организаторот на собирот Зоки и момците од хрватскиот фан клуб. Со оглед на тоа дека бевме многу луѓе се екипиравме 4 тимови и се договоривме да играме турнир. Хрватскиот фан клуб се подели на два тима, еден од Загреб, еден тим од Славонија. Словенците формираа свој тим, а нашиот тим беше право олицетворение на СФРЈ и беше составен од Македонци, Срби, Словенци и Црногорци. Пред почетокот на турнирот пристигна Пеџа од познатиот јутуб и тв канал Vice кој ќе снима документарен филм за регионалните собири на навивачите на Ливерпул. Да, пријатели Vice сними документарец за нас! Ако ова не е показател колку се битни и силни регионалните собири, навистина не знам што е. Нејсе, започна фудбалот, а во меѓувреме пристигна и Диме кој веќе беше дојден во Загреб со своите родители, па на брзина облече спортска опрема и беше подготвен за настап. Првиот натпревар го игравме против Словенците кои најблаго кажано не растурија, па моравме да го чекаме натпреварот за трето место. Во вториот натпревар за трето место се сретнавме со момците од Славонија кои не добија со 2-1. Нема да кажам дека завршивме на последно место на турнирот, повеќе сакаме да мислиме дека сме четврто место на Балканот! J Заврши фудбалскиот термин, момците од Vice направија одлични кадри се сликавме сите заедно и се упативме накај станот во кој бевме сместени за да дремнеме некоја минута и да земеме сила за вечерното лудило.

Со Пеџа и момците од Vice бевме договорени да се надјеме во местото каде што се одржува собирот - Bikers Beer Factory (вистинси, непретенциозен паб каде на раат можете да испиете одлично точено пиво и да џапнете по некој вискач за многу пристапни цени) во 17:00 часот. Морам да признаам дека малку се успавме и задоцнивме и бевме во паника дали ќе стигнеме на време за да ги снимиме прилозите за документарецот, да ги закачиме банерите и да се поздравиме со сите луѓе, а при тоа да не пропуштиме ништо од натпреварот. Пристигнавме во пабот со пола часовно доцнење, а таму акцијата веќе одамна беше во тек. Веднаш да кажам Зоки и момците од хрватскиот фан клуб се озбилни момци кога е организацијата во прашање! Имаше неколку значајни национални медиуми и снимање со дрон, пива се точеа на сите страни, а домаќините имаа обезбедено и мезе за гостите.

 

При самото влегување во пабот не дочекаа новинари на Vecernji кои не интервјуираа и сликаа мене и Филип, а веќе во неделата сторијата излезе во еден од најтиражните весници во Хрватска.

Го најдовме Пеџа и се договоривме веднаш да го снимиме прилогот. Но тоа нема да биде така едноставно. Додека да дојдеме до другиот дел од пабот каде што треба да се снима прилогот за документарецот треба да го поминеме целиот паб и да се поздравиме со сите присутни. Стварно не можам да ја опишам таа експлозија на емоции и овердозирање од среќа, радост и возбуда кога после подолго време ги гледаш сите пријатели од Балканот на едно место. Прво налетувам на Изудин од БИХ, се поздравуваме со него и со останатите момци кои се со него маса и продолжувам понатаму. Гледам дека на првата маса до големиот видео бим заедно застанале Милош од Крушевац, Бранко од Црна Гора и Дачо од Босна, а веднаш до нив е Владан од Србија. Цела екипа на едно место, веднаш знаев дека тука ке се стационираме. Братско поздравување и гушкање со сите од нив! Бранко и Милош не би биле такви цареви какви што се, ако немаат спремено подароци за најблиските пријатели. Добивам перфектно дизајнирана навивачка маица од Бране со логото на црногорскиот фан клуб, додека Милош е убедливот победник на вечерта – ми подарува маица од фан клубот на Ливерпул во Уганда! Уште во неверување од добиените подароци и импресии од целата атмосфера одам заедно со Фичо и Диме да го снимиме прилогот за документарецот на Vice и да се обидеме да го претставиме нашиот фан клуб во најдобро светло.

Завршува синмањето и подготвени сме за натпреварот. Се враќаме на масата заедно со момците од Црна Гора, Босна и Србија и тогаш забележувам дека на собирот дошол и Дејан (Гето Руди) заедно со уште две навивачки од Македонија, што значи дека бројката на македонските навивачи на овој собир е двоцифрена – 10, а тоа е прво двоцифрено присуство на наши навивачи на регионалните собири! Непосредно пред почетокот на натпреварот домаќинот Зоки им доделува благодарници на сите балкански фан клубови кои присуствуват на собирот. Со особена чест и задоволство ја примам нашата благодарница и го очекувам почетокот на натпреварот. Натпреварот започнува, атмосферата никогаш подобра, почнува заедничкото пеење на YNWA, светкаат апарати од сите страни, а момците од Vice и од останатите хрватски медиуми будно снимаат со своите камери. Завршуваа химната, а јас забележувам дека Диме нашол одлични места за закачување на нашите банери. Кога сме кај банерите не можам да ви објаснам колку сум среќен што на овој собир со нас беше и банерот на момците од Велес. Би било одлично кога би можеле и тие да дојдат на слендиот собир.

Тврда утакмица, Пјулис being Пјулис со својата одвратна игра и цврста одбрана, но Фирмино и Мане имаат поинакви планови. Одличен центаршут на Боби, уште подобра завршница на Мане. Екслозија и лудило во Bikers Beer Factory! Присутните не престануваат да пеат, атмосферата е наелектризирана како да сме во самиот Алберт Паб до Енфилд, а не на Балканот. 35та минута, Магиничарот ја спобудалува одбраната на ВБА и веќе е 2-0! Повторно атмосферата ескалира! Следува полувремето и традиционалната лотарија во која има супер награди. Мноооогу ми е криво што главната награда – потпишан дрес од целиот ростер на Ливерпул за сезонава, за влакон му побегна на Дејан. Но што е, тука е. Навивачите не престануват да пеат и да навиваат до крајот на натпреварот. Ниту примениот гол во 81та минута не го менува целокупниот делириум во пабот. Натпреварот завршува, се подготвува забава со бенд во живо. Дел од луѓето полека почнуваат да заминуваат, а јас и Фичо не можеме, а да не забележиме дека Милош е одушевен од нашиот банер со Клоп. Во духот на заедништвото, солидарноста и дружбата одлучуваме да му го подариме банерот. Се поздравуваме со сите и сите одиме на афтер на своја страна.

Претпоставувам дека не ве уморив со целиов текст, а ако некој скролал до крај барајќи една-две реченици за резиме на впечатоците од собирот нека го прочита само овој дел. За прв пат од кога се организаираат регионални собири на еден собир се собраа фанови од сите екс ју републики. За прв пат Македонија имаше двоцифрен број навивачи на еден регионален собир. Домаќините на чело со Зоки направија беспрекорна организација во која уживаа преку 200 фанови. Конечно после 3 регионални собири без победа, скршен е мразот и сите навивачи од Балканот можеа да се радуваат на победа на Ливерпул на едно место. Уште еден одличен провод, многу дружба и спомени кои ќе се паметат до крајот на животот. Уште од сега со нетрпение го очекувам документарецот на Vice, а уште повеќе сум нетрпелив за следниот регионален собир. Босна и Херцеговина, местото каде што започна оваа прекрасна традиција – се гледаме на пролет!

 

Игор Јадровски